Петар Печков
Објавено: среда, 04 јуни 2025
Од 7 до 17 јуни ќе се одржат 62 Рацинови средби, кои годинава нудат богата содржина. Тие ќе се одржат на повеќе локации од Велес. Мотото на годинашната манифестација е „Зборот од мугрите, аманет што не згаснува“.
Добитниците на Рациновото признание и Почесниото Рациновото признание ќе бидат дополнително објавени.
„Имаме импресивна, пребогата содржински досега најамбицозна програма, што е понудена. Има повеќе аспекти, мултикултурна, мултидимензионална. Има повеќе поетски читања, научни настани.Свеченото отворање ќе се одржи на сцената театарот, беседа од Венко Андоновски за Рацин, врачување на Рациновото признание, по што ќе следи настан на Марко Виденовиќ и трио Мевлем. Сабота вечер ќе биде промовирано тритомното издание за Кочо Рацин. Тоа е дело на Венко Андоновски, Весна Мојсовска Чепишевска и Искра Тасевска Бошкова, промотор ќе биде академик Катица Ќулавкова, редактор на исклучително издание. Почесното Рациново признание ќе се врачи на 14 јуни навечер во Младински парк, кога ќе има и меѓународен поетски митинг со учество на 15 поети од Србија, Бугарија, Албанија во амфитеатарот во Младински парк. Потоа концерт ќе има Васил Хаџиманов бенд. Манифестацијата завршува со изведба на претставата „Рацин“ вторник вечер на сцената на велешки театар“ – кажа Христина Николовска, член на организациониот одбор.
„Се започнува на 7 јуни со крводарителска акција во салата Гемиџии, на 8 јуни е Трчаме за Рацин низ улиците на Велес, на 9 јуни ќе засадуваме садници за Рацин, во паркот на Гимназијата.Ќе има поетски читања пред Гимназијата, на платото пред Театарот. На 10 јуни е почетокот од ултрамаратонот од Велес до Лопушник. Меѓународната научна конференција на тема „Рациновите одблесоци врз современиот македонски јазик и книжевноста“ во организација на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“- Скопје ќе се одржи на 12 јуни во театарот. Попладнето и вечерта е положување цвеќе на вечното почивалиште на Рацин во Спомен- костурница, потоа е почит пред споменикот на Рацин во дворот на Гимназија Кочо Рацин“ по што ќе следи изложба на скулпторот Ангел Коруновски во холот на Театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“- Велес. Следниот ден, петок, на истата локација е промоцијата на книгата „Цреша“ од Александар Кукулев“ –рече Менка Андреева, член на организациски одбор.
„Оваа година Општина Велес сама ќе ја организира манифестацијата, со голем број настани и голем број активности. Ќе има голем број спортски, литературни, уметнички настани. Вклучени се повеќе инстиуции, здруженија на граѓани, поединци. Дел од содржините ќе се одржат и на територија на други општини“ – кажа градоначалникот Марко Колев кој е претседател на организациониот одбор.
Дел од содржините на 62 издание на Рациновите средби се: 10 јуни во Сокачето на поезијата, поетско читање на велешките поети и промоција на списанието „Велес“ – промотор е Васил Тоциновски. На 13 јуни петок е положување венец на местото на погибијата на Рацин на Лопушник, поетско читање на гости- поети во градската библиотека „Гоце Делчев“, по што ќе следи трибина за македонскиот јазик исто така во библиотеката. Недела 15 јуни е еднодневниот марш за Рацин.
Рациновите средби се финансики помогнати од Општина Велес и Министерство за култура со по 621 илјада денари или вкупно 1.242.000 денари. Општина Велес за дел од прудружните спортски содржини оддели дополнителни 400 илјади денари. Колев ги повика граѓаните да ги посетат настаните од манифестацијата.