Петар Печков
Објавено: среда, 05 ноември 2025
Со сведочење на инвеститорот на градбата, семејна куќа кај Градскиот пазар, при чие рушење падна и дел од зградата на Работничкито универзитет во Велес, продолжи судскиот процес во Основен суд Велес. Џеват Лакота сопственик на куќата која се рушеше кажа дека тој со неговиот зет два месеци пред да се сруши објектот на Работничкиот започнале со градежни активности со обезебдена дозвола за градба, но не и дозвола за рушење.
„Започнавме да ја рушиме нашата куќа, но тоа не беше рушење, туку со зетот, ги вадевме циглите, фундаментот остана. Немавме документи за рушење, од проектантот ни беше кажано дека штом имаме дозовола за градба, можеме да рушиме. Дозволата беше на името на зетот Шаботиќ и сопругата Амела. Ни беше кажано дека треба да направиме испитување на теренот за да се врши копање. Зетот ангажираше фирма од Скопје, која ја има во документацијата. Тие дадоа мислење како да се копа, за што имам документ. Потоа се договорив со фирмата Бени Амар за реализација на проектот. За копањето имаше неколку фирми со кои договорав. Беровиќ транспорт (обвинети во предметот з.а.)се договориле со зетот, тие да го извршат копањето. Донесоа еден багер, два камиони со кои ја изнесуваа земјата. Немавме проект за ископ на градежна јама, мислевме дека со испитувањето на теренот, можеме да копаме јама, дека тој е доволен. Копаа со проектот за градење. Сабит- сопственикот на Бени Амар, кој подоцна работеше, им кажуваше до која длабочина треба да се копа. Тие -Беровиќ транспорт, работеа три дена. Сабит им кажуваше бидејќи тој знаеше колку длабоко треба да копаат за да може тој да почне да гради. Потоа тој го загради објектот. Но дали длабочината не беше како што треба, бараше багер да се докопа, оти била околу 3,5 метри. На страната кај Работнички имаше оставено еден метар земја неископна, некоја косина. Јамата беше ископана во целост, без кампади. Беровиќ транспорт одбија да дојдат да докопаат. Сабит газдата на Бени амар го контактираше Руменчо сопстениик на Руди коп. Тој дојде и работеше со багер. Беровиќ испратија камиони за да се фрли земјата. Откако се заврши ископот, Бени Амар започна со работа, рамнење на јамата. Со нив договор склучивме една недела по започнувањето на работите. Дојдоа до тампон. Еден ден видов дека ѕидот кај Работнички е откриен скроз, и доле во дупката потпран со потпирачи, поставени од Бени Амар, за да не падне. Надзор беше Коста Јанев, кој доаѓаше беше договорен, но договор немавме потпишано. Неговото име беше на таблата за вршење на градежни работи. Петок работниците на Бени Амар работат до пладне, јас критичниот ден поминав околу 14ч. се беше во ред. Околу 16ч. ми се јави внукот, кој ми кажа дека почнал да се руши ѕидот од Работнички. Отидов таму, беше паднато околу 2-3 кубика камења, другото стоеше. Во зградата немаше никој. За некое време почна да се руши, дел по дел и за саат и пол падна целата страна од Работнички“ кажа сведокот Лакота.
На ова негово сведочење реагираше јавната обвинителка Анастасија Миланова посочувајќи му ги неговите две изјави од 23 јуни 2022 и 20 ноември 2024, при сослушување пред обвинител. Истите биле различни во однос на сведочењето и кажаното пред судот.
„Тогаш немате споменато дека Бени Амар и Руменчо го вршеле дополнителниот ископ на јамата“ - рече Миланова, на што Лакота рече дека знае дека ги кажал и дека 90% е сигурен дека така било, по што му беше посочен записникот запишан во својство на сведок.
При испитувањето на одбраната, на сведокот му беше посочена изјава дека тој пред јавен обвинител кажал дека објектот не се срушил кога работел Беровиќ транспорт туку кога почнал со изградба на објектот Бени амар. Сведокот, потврди дека се што знаел кажал и тогаш пред јавен обвинител и го зборува истото пред судот.
Обвинети за дел од разрушената зграда на Работничкиот универзитет „Благоја Страчковски“ во Велес се Рифат Беровиќ (38 год) како физичко лице за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“ а правното лице ДТТУ Беровиќ транспорт со одговорно лице Елвид Сарачевиќ за - Предизвикување опасност при градежни работи. Тие претходно тие кажаа дека не прифаќаат вина за делата за кој се обвинети.
Според обвинителниот акт, изведувачите како градежна фирма, лиценцирана за таа работа, знаеле дека пред да почнат со ископ на градежна јама, треба да имаат соодветен проект за заштита на градежната јама, заштита на соседни објекти, и дека во работа треба претходно да биде воведен надзорот. Не биле преземени соодветни мерки за обезебдување на соседите и земјишето. Работеле без проект за заштита на градежна јама, започнале со нејзин широк ископ веднаш до темелите на зградата на Работничкиот универзитет.
Како последица на ова на критичниот ден, 17 јуни 2022 година, се срушил дел од зградата, која е лоциран до градежната јама.
