Петар Печков
Објавено: вторник, 03 јуни 2025
Само 630 хектари површина се пријавени во Маслодајна, оваа пролет се пријавени за засеани по македонските полиња, со индустриската култура сончоглед. Тоа е двојно помалку од лани.
Толку земјоделците кои ја одгледуваат оваа култура, потпишале договор за откуп со единствениот производител на масло за јадење во Македонија, велешки Кристал, кој го преработува сончогледот. Лани таа откупи само 3,2 илјади тони.
„Според податоците за потпишани договори за откуп на сончоглед со македонските земјоделци, годинава тие потпишаа договори двојно помалку од лани. Во бројки минатата година имало 1.100 хектари а годинава само 630. За жал интересот е во опаѓање и покрај тоа што ние како компанија нудиме гарантиран откуп, семенски материјал“ – рече Горан Лазов, директор на Кристал 1923.
Освен што се користи за преработка, за добивање на масло за јадење, како култура земјоделците преку неколку години го засејуваат наместо пченка, пченица, јачмен, како плодоред. Наизменичното засејување на исти земјишни површини со разни земјоделски култури влијае на повисок род, и токму земјоделците по две –три години житни култури, засејуваат сончоглед, заради повисок принос.
Земјоделците бараа како и во 2023, така и лани, поради елементарна непогда, суша, да им се одобрат дополнителни седум, осум денари помош за откупен килограм сончоглед. Tака би ги покриле и трошоците за работењето.
„Минатата година беше катастрофална, сушна, па на можевме да го извадиме цензусот од 1,5 тон по хектар за да добиема субвенции. Но ова барање за помош, за разлика од пред две години кога беше прифтено, не беше разгледано. И како во вакви услови да продолжиме да одгледуваме сончоглед“ – вели земјоделец од Пелагонија.
Зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 отсто за сончогледог, велешката компанија, го доживува како нелојална конкуренција, во однос производителите кои користат суровото масло кое има 5 отсто ДДВ. Но оваа неправда од претходната Влада, наспроти очекувањата на раководството на Маслодајна, сегашната Влада не ја исправила.
„Со ваков се помал принос и помали површини под сончоглед, ќе го преиспитаме работењето на фабриката во делот на преработка на сончогледот. Таму има 60-тина работници, кои работат само тоа. Ако го нема, тогаш размислуваме како фабрика тој погон да го затвориме и наместо со преработка на сончголед, да работиме со сурово масло“ – вели Лазов.