Петар Печков
Објавено: вторник, 28 јануари 2025
Во тек е подготовка за објавување на јавна набавка за времена санација на мостот за избор на изведувач, најавија од ЈПДП, откако Градежен факултет од Скопје го испорачал до ЈП Државни патишта (ЈПДП), техничкото решение за санација на мостот на реката Вардар, кај Башино Село на влезот во Велес.
„Критериумите за избор на Изведувач за времена санација на мостот преку река Вардар кај Башино село, се изготвуваат врз основа на Техничкото решение добиено од Градежен Факултет. Јавната набавка ќе се спроведе во отворена постапка со скратени рокови“ – одговорија од ЈПДП на поставеното прашање.
Санацијата опфаќа градежните зафати отстранување на стариот асфалт, на бетонот, зајакнување на арматурата, поставување нов бетон и асфалт и интервенции под мостот, зајакнување на носачите кои се во реката.
Најавите беа дека санацијата на мостот ќе биде во период од 90 дена. Дотогаш поради затворениот мост, целокупниот товарен сообраќај , на возила над 7 тони се одвива низ градот. Воведен е времен сообраќаен режим, со кој овие возила минуваат низ центарот на Велес ноќе, во терминот од 22 до 6 часот.