Петар Печков
Објавено: четврток, 09 јануари 2025
Едногласно со 22 гласа, членовите на Советот на Општина Велес на вонредна седница, го усвоија времениот режим, со кој се регулира сообраќајот на тешките возила, камиони со носивост над 7 тони, кои треба да минуваат низ центарот на градот.
Оваа одлука доаѓа откако Државниот инспекторат за сообраќај го затвори мостот на Вардар кај Башино село, поради негова небезбедност.
Поради тоа имаше итна потреба од пренасочување на сообраќајот за тешките камиони низ центарот на Велес. Тоа ќе се врши во периодот до 22 до 6 часот. Барањето на стопанствениците од Велес за т.н. прозори, кога и преку ден ќе може да влезат и излезат од градот, е прифатено.
„Во терминот од 9 ќе има термин од по 30 минути за влез во градот и во 18ч. за излез од Велес на камионите, со полициска придружба. Да нема дилеми, како се откри дека мостот не може да се користи. ЈП за државни патишата (ЈПДП), во втората половина лани, врз основа на редовна контрола на неколку мостови кои се во лоша состојба, го ангажира Градежен факултет за испитување, кои се на три и шест месеци. Стручните лица од Градежен факултет на 2 јануари по извршените контроли, испраќаат документ стручно мислење до ЈПДП, со кое се бара забрана за секаков вид на сообраќај, на лесни и тешки возила. Со одлуката за времен сообраќај која ја носиме, се засегнати многу жители на градот и многу компании. Тој е единствено можно решение во овој момент, како краткорочно решение, санација на постојниот мост“ – кажа градоначалникот Марко Колев.
Тој најaви дека долгорочно решение е изградба на нов, 50 метри подолу од постојниот. Во ЈПДП во тек бил јавен повик за избор на идејно решение, и доколку биде успешен, ќе се распише јавен повик за избор на градежна фирма. Лани во април, претходниот министер Благоја Бочварски, кажа дека имале два обиди за повик за избор на идејно решение за нов мост, но на нив немало пријави.
„Времениот сообраќаен режим предвидува влез и излез на тешките камиони по регионалниот пат од и за Градско. Улиците во центарот Страшо Пинџур и Гоце Делчев стануваат еднонасочни на тешките камиони за влез во Велес. Улицата Алексо Демниевски Бауман од Пошта до семафорите станува двонасочна и по неа ќе се движат тешките возила во двата правци, бидејќи улицата Благој Ѓорев нема да се користи за нивно движење. Од улицата 8 септември се отстрануваат паркираните возила, за да има можност камионите да се разминуваат. Камионите за излез ќе се движат од зградата на Пошта кон кружниот тек на С’рмаале по еднонасочниот дел кај пешачката зона кон кружниот тек кај Коњаникот “ – рече Славче Велков, сообраќаен инжинер во Општина Велес.
За санација на мостот, Градежен факултет имал изготвено техничко решение. Според објаснувањето на градоначалникот Колев, тоа ќе се реализира по брза постапка, во вакви случаи Законот ја дозволувал, итни, стратешки важни и за неодложни состојби, кога се применува. Тоа е без јавен повик, ЈПДП спроведува постапка, можност да покани неколку фирми, кои ќе понудат услови и за седум дена да се избере изведувачот, кој ќе ја врши реконструкцијата. И во рок од 60 до 90 дена, се планира да се извршат и завршат градежните зафати. Тоа опфаќа отстранување на стариот асфалт, на бетонот, да се зајакне арматурата, поставување нов бетон и асфалт и интервенции под мостот, зајакнување на носачите кои се во реката. Како долгорчно решение е изградба на нов мост. Во постапка пред ЈПДП е избор на фирма за проектирање,потоа избор на изведувач и во втората половина од годинава би започнала изградбата нов мост, 50 метри подолу од постојниот. Барањата на стопанствениците и дел од јавност, царинската служба во Велес да работи не во градот, туку на старата локација, кај мотел Македонијa, не била можно да се реализира.
„Го разгледвме и тоа решение, кое нема да влијае на протокот на камиони. Оти можат да царинат и на граница и во друг град, но мора да влезат во Велес во фирмите, каде треба да се извреши утовар или растовар“ – рече Даниел Јаневски, претседател на Советот на општина Велес.
Одлуката за новиот времен сообраќај излезе во општинскиот гласник и таа е веќе со важност.