Петар Печков
Објавено: четврток, 29 јануари 2026
Се покачи цената на престојот на децата во градинката „Димче Мирчев“ од Велес, од 1.490 на 1.990 денари. Оваа одлука ја донесе Советот на Општина Велес, со мнозинство на гласови, 16 „ЗА“ од ВМРО-ДПМНЕ, три против на СДСМ и еден воздржан од Левица. Новата цена е предлог на Управниот одбор на ОЈУДГ, ја образложи директорката Наташа Јанушева.
Со одлуката е предвидено секоја година висината на надоместокот да се усогласува според трошоците на животот и просечно исплатена плата на сите вработени во државата, сума која ќе ја усвојува Советот на Општина Велес.
„Со одлуката се променува цената која е донесена 2004-та година, 21 година не е променета. Ова не е покачување, туку усогласување со економските услови и покачените трошоци на живот. За овие две децении просечната плата пораснала за 278 проценти, во 2004 за едно дете во градинка родителот одвојувал од една плата 12,12 отсто а лани 4,33 отсто од просечна исплатена плата. Колку е покачена струјата за овие 21 години. Во 2024 од партиципација на родителите има прилив од 14 милиони денари, 10 милиони се потрошени за храна. Децата се во објекти, некои изградени пред 50 години и потребна е реконструкција“ – рече Наташа Јанушева директорка на градинките во Велес.
„Како е дојдено до оваа цена, нема Методологија, дали е пресметана потрошувачката кошничка, зошто се 500 денари а не 510 или некоја друга. Не е кажано ниту каде ќе се трошат овие средства, за храна, за дидактички материјали, за режиски трошоци. Како родители плаќаме за материјални трошоци за изработки на децата за бојци, фломастери, за спортски активности, за театар ако дојде, нема објаснување зошто се покачува цената“ – кажа Мирјана Петрушевска Савова, советник од СДСМ.
„За периодот 2004-2025 имаме индекс на раст на цените, колку што тогаш и денес вредело. Или 1.490 во 2004 вредеа многу повеќе и можело да се обезебди многу повеќе нешта за градинката. Колку вредело што сме го купувале тогаш и колку вреди тоа што истото го купуваме денес. Треба се ова да го имаме во предвид“ – рече Маја Дерменџиева советник од ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето од членот на советот од Левица, Димче Ацков, кој има субвенцинорана цена од децата кои посетуваат градинка, директорката одговори дека тоа се 15 деца од ромската попуалција, за кои надлежното Министерство за труд и социјала го плаќа надоместокот и за сите деца кои се на самохран родител, а надоместокот го плаќа Општина Велес.
Новата цена ќе се применува од месец февруари
трмр архива
