Студот ја зголеми потрошувачката на вода во Велес

Петар Печков

Студот и мразот ја зголеми потрошувачката на вода во Велес. Таа  деновиве е за една петина повисока отколку претходната седмица. Според информацијата од ЈКП Дервен, за изминатите три дена во просек се трошело 165 литри/ секунда, додека минатата седмица потрошувачката била  135 л/сек.

„Поради мразот, некои сограѓани ги оставаат чешмите , водата да тече, од страв од замрзнување.  Поради тоа е зголемена потрошувачката и деновиве е на ниво како во летните месеци. Апелираме до потрошувачите, повнимателно да ја трошат водата и превентивно да ги заштитат славините за вода“ - велат надлежните од ЈКП Дервен.

Шпицот на потрошувачката на вода во Велес,  бил во средата, кога се трошеле 175 л/сек.  Од ЈКП Дервен потсетуваат, граѓаните  да  заштитат водомерите од замрзнување така што ќе ја завиткаат водомерната инсталација со дебела ткаенина и ќе ги затворат вентилите на чешмите во дворовите.

Во случај да им замрзне водоводната инсталација, граѓаните треба да внимаваат кога ги одмрзнуваат цевките користејќи грејни тела – тоа да го прават внимателно и на одредена оддалеченост од инсталацијата, и во никој случај да не користат директен пламен врз цевките или водомерот, затоа што може да предизвикаат оштетување, особено ако цевката е пластична.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати