Петар Печков
Објавено: петок, 31 октомври 2025
Три години предметот за смртта на родилката Маја Кадиева од Дојран и нејзиното штотуку родено бебе, чекал ред за да дојде на разгледување на Апелација Скопје, судија бил Ѓоко Ристов. Обвинети беа гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов од Струмица, за кривичното дело „тешки дела против здравјето на луѓето“.
Кадиева почина на 22 октомври 2015 година во Општата болница во Гевгелија. Обвинет беше и анестезиологот Томе Ванчев од Гевгелија, кој во периодот на десетгодишното судење почина. Во текот на истрагата почина и вториот анестезиолог Зоран Јовановски.
„Три години делото да биде во нечија фиока, да чека да се работи е далеку од здрав разум. Пресуда донесена од Основен суд Велес на 19 март 2020, предметот во Апелација Скопје се работи на 23 мај 2023 година. Судот нема рок кога да го стави на разгледување, но имаат разумен рок за работа на предметот. А дали е ова разумно. Позитивно е што деновиве имало некој судија совесен во Врховен суд па пред рокот на истекот на застарувањето на ова дело 22 октомври, ја ставил на разгледување жалбата од обвинетите иако имало барање да се одложи а со тоа и делото ќе застареше“ – вели Димитриј Кадиев сопруг на починатата Маја.
Два пати во Основен суд Велес, судијката Габриела Гајдова донесуваше ослободилна пресуда за гинеколозите и осудителна за анестезиологот. Апелација Скопје во два наврати ја потврдуваше оваа пресуда. Втората беше обжалена до Врховен суд, кој ја прифати жалбата на одбраната и ја врати на Апелација Скопје. Нивната пресудата од мај беше условна затворска казна за Москов и Чалков, шест месеци затвор ако во период од две години сторат ново кривично дело.
„За смрт на родилка и нејзиното бебе два пати се носеше ослободителна пресуда, сега условна. Која е цената на човечки живот. За потегната за коса на политичарка сторителот доби четири години затвор. Политичарите кои беа судени за криминал, колегите ги, помилуваа го изменија Кривичниот закон и делата им застареа. Во оваа земја само политичарите се заштитени, обичниот граѓанин не. Каква тоа порака се испраќа“ – кажа Кадиев.
Судијката Габриела Гајдова која два пати ги ослободи гинеколозите, во јавноста остана запомната по изрекувањето на казна затвор од 18 години за возачот Ангелче Николов кој на пешачки во Велес прегази 11 годишно девојче. Апелација Скопје таа пресуда ја намали на 8 години.
И по 40 годишната казна затвор за убиство и убиство во обид, за Славе Илиев од Подлес лице на 62 годишна возраст кое требаше да излезе на 101 годинаа. Апелација ја намали оваа казна на 20 години затвор.
Во текот на судскиот процес за смртта на Кадиева, сведоците од Гевгелиската болница, кои присуствувале на породувањето, беа заборавни па не се сеќаваа што се случувало во салата, додека во истрага пред јавен обвинител прецизно ги опишувале дејствијата на докторите. Иако сите под заклетва при сведочењето ги променија исказите дадени пред обвинител набргу по смртта на родилката.
Како сведоци на 2 февруари 2017 година, во судницата во Основен суд Велес се појавија акушерката Фикрија Дуева, анестетичарот Костадин Рамаданов, неонатолошка сестра Љубица Јованова, инструментарката Анѓа Милевска, директорот на болницата во Гевгелија Сретко Јованов., кои наеднаш станаа заборавни. Само болничарот Ѓорѓи Шарков, кажа тоа што и обвинителството го тврдеше, дека анестезилозите биле во алкохолизирана состојба. Другите не можеле оти докторите носеле маски.
Пропуст на истрата е што на двајца анестезиолози, критичната вечер наместо урина им им било земено крв, за да се утврди присуство на алкохол.
Поради тоа алкохолизраната состојба на анестезилогот кој беше жив на почетокот од процесот се докажуваше со сведочење на келнерот од локалот каде двајцата доктори пиеле.
Во Основен суд Велес, беше изречена првата осудителна пресуда за гинеколог, кому му почина родилка поради обилно крварење. Тоа беше случајот од Општа болница Велес од 3 јуни 2003 година, со родилката Бојанка Игнова. Осуден беше гинекологот Панче Арсов на 18 месеци затвор. Предметот го водеше судијата Валентин Зафиров и заврши со правосилност за период од три и пол години.
