Петар Печков
Објавено: четврток, 27 март 2025
Од денес на репертоарот на Киноверзум во Велес е најновната филмска приказна за „Снежана“ , раскажана од студиото Дизни. Филмот првиот викенд, изминатиот, е најгледан во светот. Во филмот играат Рејчел Зеглер во улогата на Снежана и Гал Гадот како лошата маќеа. „Дизни“ претходно најави дека ќе ги замени џуџињата со „магични суштества“ за да се избегне зајакнувањето на стереотипите, а џуџињата се прикажани преку видео анимации. Во филмот исто така го нема принцот, туку се фокусира на „посилната“ Снежана која сака да биде лидер.
Акциониот филм „Работникот“ е со Џејсон Стејтам, кој како Левон Кејд се откажал од опасниот живот за да биде добар татко и да работи во градежништво. Но, кога ќерката на неговиот шеф исчезнува, тој е принуден да ги искористи своите стари вештини од светот на специјалните операции. Во потрага по вистината, Левон открива мрачен заговор што му го загрозува новиот живот и сите што ги сака.
На репертоарот се и британскиот шпионски Црна торба, кој е втор по гледаност во светот. Кога разузнавачката агентка Кетрин Вудхаус е обвинета дека издала тајни, нејзиниот сопруг, исто така познат агент, се соочува со тешка одлука: да биде верен на своето семејство или на својата татковина.
Филмскиот светски хит „Мики17“ е пред велешани, на реператаорот на Киноверзум. Мики Барнс, финансиски уништен и очаен да избега од Земјата, прифаќа да стане „потрошлив“ – клон работник создаден за најопасни мисии, каде по секоја смрт се регенерира во ново тело. Но, кога една од неговите копии, Мики 17, е погрешно прогласена за мртва и заменета со Мики 18, започнува борба за опстанок.Според правилата на колонијата, може да постои само една верзија на „потрошливиот“. Доколку бидат откриени, и Мики 17 и Мики 18 ќе бидат уништени. Сега, двајцата мора да се соочат со прашањата за идентитетот, значењето на постоењето и да се спротивстават на угнетувачките водачи на колонијата.
Анимираниот Хитпиг, е за прасе кое ги враќа изгубените миленичиња на нивните сопственици за големи парични награди. Една ноќ, слонот по име Пиклс бега од богатиот, но неуспешен шоумен од Лас Вегас, па така Хитпиг започнува потрага по слонот за награда од милион долари.