Петар Печков
Објавено: петок, 31 октомври 2025
Здружението за безбедност на вода и планина „Македонски спасител“ од Велес, одбележа 15 години работа. За овој период членувале 50 волонтери кои несебично, без финансиска надомест помагале во пронаоѓање на изгубени, исчезнати лица во планина, на лица давеници во вода.
„Нашата мисија кога започнавме со работа, беше зголемена безбедност на водените површини и планинските предели, преку создавање на тим за спасување, составен од повеќе специјалности . Целта ни беше превенција преку едукација на посетителите на водените површини. Се што изминатите години реализиравме, ни дава за право да кажеме дека сме успеале во нашите планови“ – вели Ангел Пановски, претседател на здружението.
Во овој период оствариле институционална соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), како државна институција, со Операција Флоријан од Манчестер, кои помогнале со донација на опрема и возило.
Првата меѓународна соработка била со здружение ИСЛА сурф до САД, во 2013,2015, 2017 година, познати како „чуварите на плажа“ кои помагаа во обучување на спасители на отворени води –езера и мориња. Со Операција Флоријан 2017 и 2019 имале специјализирана обука за спасување на брзи води,
„Целта ни беше да воспоставиме спасителна служба на езеро Младост. Таа функционираше од 2013 до 2020 година кога при реализација на проектот „паметно езеро Младост“ беше срушена спасителната кула а потоа никогаш не беше поправена. Таму дежуравме преку летото секој викенд и празник и имавме бројни интервенции“ – додава Пановски.
Учествуваат како спасителна служба на Водици –положувањето на крстот во реката Вардар во Велес, пролетва во обука на спасители во Црна Гора. Учествувале како спасителна служба на Светскиот параглајдинг куп во Крушево, на Европските младински спортски игри на Матка летово. Учествувале во евакуација на луѓе и добра во поплавите во Шабац Србија 2014 и Стајковци 2016 година. Една епизода ја раскажуваат како големо животно искуство.
„Во Стајковци бевме повикани од ДЗС да помогнеме. Имавме доста интервенции но една случка и до ден денес ја помниме, кога спасувавме овци. Дојде некој човек, името го заборавивме, не молеше да ги спасиме неговите овците, некои се задавиле а имало живи нив да ги евакуираме. Прашавме до надлежните од ДЗС, тие дадоа потврда дека може да интервенираме. Имаше 10-15 овци на една височинка, се околу беше под вода. Како ги товараме, пренесувавме, овците плачеа, нив им течеа солзи. Како ли им било на луѓето во Стајковци, кога ги спасуваа, кога едно животно заплака. Тоа ни дава мотив да продолжиме со нашата активност“ –кажа Пановски.
Од нивните сеќавања извојуваат –спасување на млад дечко кој се искачил на карпите од месноста Пешти, да го симнат, спасиле давител на езеро Младост, лани летото спасија четири лица, кои се изгубиле на стрмен терен на реката Пчиња.
Во овој период од 15 години, Здружението обучиле 80 спасители на мирни и брзи води.
 
                                     
                                     
                                     
                                     
                                     
			
		 
			 
			
