Велешанката Роса Варналиева Плавева, прв борец за женски права во Македонија, како Роза Луксембург

Петар Печков

Велешани можат да бидат горди, што имаат сограѓанка, која  била борец за женските права, како Роза Луксембург и Клара Цеткин. Тоа е Роса Плавева (Велес, 1878 - Белград, 1970)  македонска социјалистка, една од првите борци за женски права во Македонија.

Родена е во фурнаџиско семејство како Роса Варналиева. Се школува во Велес, а потоа во Софија. Таму ги остварува своите први контакти со социјалистичкото движење. Во 1900 година станува член на првата социјалистичка организација во Македонија, формирана во 1894 година од Васил Главинов во Велес. Зема учество во Илинденското востание. Се мажи со Илија Плавев, и имаат син и ќерка.

Во деновите на Младотурската револуција, заедно со Накие Бајрам, ги организира турските жени во борба против зарот и фереџето. Во 1908 година организира демонстрации во Скопје за рамноправност на жените, а во 1909 година, заедно со својот сопруг Илија Плавев, работи на формирањето социјалдемократска организација во Скопје, која е формирана на 1 мај 1909 година.

Во 1917 година собира потписи од скопските жени за резолуцијата со која се бара ослободување на Роза Луксембург и Карл Либкнехт од затвор и успева да собере околу 100 потписи. Во 1919 година е еден од основачите на Социјал Работничката Партија на Југославија, а на 29 февруари 1920 година ја формира „Организацијата на жените социјалистки“ во Скопје.

Оваа организација се залагала за еднакви плати на мажите и жените, за укинување на капиталистичката експлоатација и за активно и пасивно избирачко право на жените. Во 1920 година е забележано и залагањето на Плавева за отворање на бесплатна аптека и се изборила работниците двапати неделно да добиваат бесплатен преглед, во што и успеала. Нејзината активност во следните години се намалува, а повторно зема учество во текот на НОВ.

Името на Роса Плавева се вбројува меѓу биографиите на жените кои дале придонес кон женските движења во 19 и почетокот на 20 век на просторот на Централна и Југоисточна Европа.

За овие простори раширено е мислењето дека женските движења и борбата за женски права не биле својствени во тој период. Роса Плавева е една од оние жени која го разбива тој стеротип и докажува дека борбата за женски права не само што постоела, туку во неа земале учество жени од најразнородна етничка, верска и социјална провининеција, а биле инспирирани и поврзани со сличните движења од другите европски земји.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали на Велес му е потребна освен постојната градска линија Автобуска- Железничка - Превалец и обратно , уште една линија на друга релација?

  • Да
  • Не
  • Треба постојната да биде на помалку од половина час
Резултати