Велешки театар гостува на МОТ со перформанс со три сцени од по четири минути

Петар Печков


Проектот „Херои 4:33“ во режија на Деан Дамјановски, продукција на Велешкиот  театар Јордан Хаџи Константинов Џинот, премиерно  се изведе денеска на 45. Млад отворен театар (МОТ) во Младински културен центар (МКЦ).

Станува збор за мултимедијален перформанс со три инсталации, три сцени и три простории, а во секоја ќе има по еден гледач. Секоја трае по 4:33 минути, колку што трае познатата композиција на Џон Кејџ. Една изведба ќе може да ја гледаат 20 лица.

Дамјановски вели дека станува збор за продолжение на проектот „Тој и Таа“ што го работеа со Велешки театар летоска и кој беше фокусиран на користењето на Интернет технологијата во театарот.

Претставата  е своевидна театарска инсталација која го разработува концептот на ‘присуство/отсуство’ на ниво на изведувач/гледач/простор во рамките на едно фиксно зададено време. Резултатот е повеќе галериски и визуелен, отколку театарски производ во кој основно е доживувањето на ‘присуството/отсуството’, кое гледачот го има кога ќе пројде низ секој од тие три простори. Велам ‘гледачот’ во еднина, зашто во еден простор во еден момент може да има максимално еден гледач, кој престојува внатре четири и нешто минути и потоа е испратен во следниот. Доживувањето завршува кога и последниот гледач ќе помине низ последниот простор- вели Дамјановски.

Во претставата играат Жарко Спасовски, Исидор Јовановски, Кети Борисовска и Васил Зафирчев. Текстот е на Сашо Димоски, сценографијата на Филип Коруновски, костимите на Елена Вангеловска, видео-дизајнот на Данчо Стефков, а музиката на Сашко Костов.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати