Петар Печков
Објавено: четврток, 19 декември 2024
Се рушат табуата меѓу учениците, за уписот во средните стручни училишта. Се поголем е бројот на средношколци кои посетуваат дуално образование. Од година во година, за сите изминати 13 години, откако тоа е воведено, се зголемува интересот за него, кажа Антониот Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Македонија. Со него се создаваат стручни кадри, кои не чекаат работа во Агенцијата за вработување, туку за кратко време се работно ангажирани
„Проектот за дуално образоваение има практична вредност. Се скрши големата бариера, која ја имаше, постоеше, дека во семејството да се прати детето во некое средно стручно училиште беше стигма. Со ова дуално образование децата веднаш по завршувањето на средното образование, наоѓаат работа. Во последните пет години, од 10 компании кои активно беа вклучени, дојдовме до бројка од 500 компании во Македонија. Тоа зборува дека проектот има широк одѕив“ – кажа Пешев.
До зголемениот интерес за дуалното образование е дојдено со ангажман на Министерството за образование, Стопанската комора, поддршка од швајцарската амбасада, делегацијата на ЕУ, и училиштата.
„Проектот образование за вработување го спроведуваме со нашите партнери и тој е успешен. Веќе побаравме од општините, да достават информации за потребите на компаниите на нивна територија за вработување, за да знаеме кој профил се бара и овозможиме образование според потребите, вработување на младите да не заминуваат од земјата“ – рече Весна Јаневска, министерка за образование.
кои посетуваат дуална настава добиваат по три и пол илјади денари месечно во текот на учебната година, средства од Министерството за образование. Има компании кои дополнително ги наградуваат овие ученици. Таков е случајот со швајцарската „Ронтис“ која има фабрика во Велес.
„Освен стидендија од Министерството, учениците кои посетуваат дуална настава и работат во нашата компанија, добиваат дополнителна стипендија. Тоа е солиден допринос кој им овозможува да добиваат средства и да бидат мотивирани за и натаму да продолжат да работат кај нас. Во ваква ситуација, добивме неочекуван пресврт. Кога започнаа првите ученици да доаѓаат тука, тие јавно кажуваа дека сакаат да заминат од земјава, животниот пат да го продолжат во странство. Денес сакаат да останат, да го продолжат животот со вработување во Ронтис“ – изјави Бојана Димовска, директор на „Ронтис“ Велес. Компанијата произведува медицински помагала, крвни линии за хемодијализа, катетри, назален аспиратор.
Bо Македонија има 62 училишта каде се спроведува дуално образование со 235 паралелки, а четири илјади ученици се вклучени во овој процес.
„Благодарејќи на соработката со бизнис секторот,со три странски инвестиции каде учениците реализираат дуално образование, добивме грант од Ориџинал челенџ фондот во висина од 500.000 евра. Со овие средства започна реконструкција на машинската работилница, набавка на дидактички материјали“ – рече Весна Богоевска, директорка на ДСУ Коле Неделковски од Велес.