Петар Печков
Објавено: вторник, 16 декември 2025
Инциденот во свињарската фарма во Амзабегово, кој се случи на почетокот на минатата година, а каде имаше еден починат и еден затруен, доби судски епилог. Основниот суд во Свети Николе ги прогласи за виновни, по признание на вина, одговорното физичко и правното лице - Друштво за вработување на инвалидни лица.
Одговорното лице добило алтернативна казна 18 месеци затвор, ако во период од 24 месеци не стори ново кривично дело, додека правното лице парична казна од 180 илјади денари.
Според ОЈО Свети Николе, обвинетите не поднеле жалба на пресудата и таа е правосилна. Тие се гонеа за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“ кое го сториле од небрежност. Обвинетите не постапиле според прописите и техничките правила за заштита при работа и од Законот за безбедност и здравје при работа.
Инцидентот се случи на 8 јануари во 10,30ч. во свињарска фарма во Амзабегово-Свети Николе. Еден работник О.Т. (46 год) починал а С.Ј. (53 год) се здобил со труење. При работата во шахтата дошло до поголем доток на отпадни материи кои содржеле голема концентрација на сулфур водород, поради што кај О. Т. дошло до труење и настапила смрт. Кај оштетениот С. Ј. кој влегол внатре да го спаси колегата и вдишал од отровниот гас сулфур водород па изгубил свест, настанало акутно труење со отровен гас сулфур водород. Судот нашол вина и кај починатиот и затруениот работник, дека и тие имаат придонес во кривично правниот настан со самоиницајативно влегување во шахтата.
фото ТрМр архива
