Петар Печков
Објавено: четврток, 01 јануари 2026
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја започна годината со посета на службениците на Солунска Глава, кои на 2500 метри височина го одржуваат телекомуникацискиот систем на МВР во функција. Полициските службеници се од Одделот за информатика и телекомуникации на МВР, кои службено се ангажирани на врвот Солунска Глава, во смени кои траат и до 15 дена. Тошковски беше информиран за нивните тековни активности и за начинот на кој и во вакви екстремни услови се обезбедува непречено, сигурно и стабилно функционирање на комуникациските и информациските системи на Министерството за внатрешни работи.
„Додека за многумина Новата година започнува во топлината на домот, дел од вработените во Министерството за внатрешни работи ја дочекуваат и ја започнуваат годината на должност, во исклучително тешки услови и на голема надморска височина. Оваа работа, иако далеку од очите на јавноста, претставува еден од клучните столбови за ефикасното функционирање на полицијата и безбедносниот систем во целина. Без стабилна и безбедна комуникација, полициските службеници не би можеле навремено да координираат активности, да реагираат на предизвиците и целосно да ја исполнат својата законска улога во заштитата на граѓаните. Безбедноста на државата се темели на професионалност, дисциплина и пожртвуваност на секој поединец во системот“- потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски се заблагодари и оддаде признание до вработените од Одделот за информатика и телекомуникации за нивната професионалност, посветеност и подготвеност да ја носат оваа одговорност и за време на празниците, без прекин и без компромис со безбедноста.
Тој упати благодарност и до Хеликоптерската единица на МВР, чија поддршка овозможува безбеден транспорт, логистичка поддршка и пристап до најоддалечените и најнепристапни точки, со што се создаваат услови за непречено извршување на службените задачи.
фото МВР
