Петар Печков
Објавено: вторник, 29 јули 2025
И во последниот извештај на Центарот за јавно здрвје Велес, истата констатација како и во претходните. Потребно е да се изврши испитување од стручна институција, која ќе докаже дека во водата на езеро Младост, нема цијанотоксини. Нив ги излачуваат цијанобактериите, но не сите.
Истата констатација се повторува во извештаите, но надлежните ништо не преземаат да се изврши неопходната анализа. На Балканот единствена таква лабараторија која можеше да изврши анализа беше во Словенија.
Од пред извесно време се врши и во Институтот за јавно здравје на Србија „Батут“ во Белград. Во извештајот на Хидробиолошкиот завод од Охрид е констатирано дека во езерото има цијанобактерии.
„Се консултирав со високонаучно образовна институција во Македонија, дали тие можат да извршат анализа во нивната лабараторија дали има цијанотоксини. Има некои најави, дека може тука во Македонија да се изврши анализата, но не би сакала да зборувам предвреме. Воведување нова метода, бара време и од институцијата замолија за трпение “ – кажа Антоанета Стојанова од ЈВП Лисиче, кое стопанисува со водата на акумулацијата Младост.
„Што ќе ни се сите мерки кои се најавуваат дека ќе се преземат за санација на езерото, ако не можеме да се констатира дали има цијанотоксини. Стручните лица велат тоа е неопходно, да се докаже дека водата не ги содржи, па се друго после“ – вели Игор Смилев, член на Советот на општина Велес, каде се разгледуваше информацијата за состојба со езерото Младост.
Досега во јавноста немаше одговор колку чини анализата за дали водата содржи цијанотоксини, никој досега јавно не кажал колку пари за тоа се потребни. Но стручните лица потенцираат дека, следењето на водата дали ги има не е само еднаш, туку континуирано во подолг временски период, во одредени делови од годината.
Пребарувањето на ценовникот на Инситутот „Батут“ покажа дека цената за тоа што е потребно да се анализира од водата во велешко езеро, дали има цијанотоксини, четири услуги, чинат околу 13 илјади српски динари, или 110 евра.
Кога пред неколку години се открија цијанобактерии во Беровско езеро, за кратко време водата се анализираше дали има цијанотоксини, за да може истата да се користи, меѓу другото и за пиење.
Владата издвои 10 милиони денари за решавање на проблемите на езеро Младост.
„Пет милиони денари се за бушотини од каде ќе се врши дотур на нова вода, еден милион денари се за чистење на површината на водата од пластите изумрена биомаса, трева и алги. Четири милиони се за промена на вентилот на браната на акумулацијата, средстваа се по програми и наменски и не може да се користат за други цели“ – вели Ване Маневски, директор на ЈВП Лисиче.
Локалната власт предвидела средства, три милиони денари за чистење на коритото на Отовичка река и заливот.
Пролетва, во мај се набавија три вида аератори, шест водоскоци кои ја исфрлаат водата во височина, два со пропелери – со перки кој прават површинска аерација и две турбини кои прават длабинска аерација и носат воздух до осум метри длабочина.Тие требаше да овозможат збогатување на водата со кислород. Но отпосле се констатирало дека тие може да се користат само ако има отсуство на цијанофити во водата.
Двете реки Отовичка и Рудничка, кои го полнат езерото, се суви, довод на вода кој е потребен, нема. Блиското езеро Јарбош, кое своевремено АК Лозар го создал за дотур на вода во Младост е неискористено, иако мештаните на околната населба велет дека Јарбош имал вода. Бушотините кои се планираат треба да бидат по коритото, околу двете реки, Отовичка и Рудничка, кои се пресушени.
Добиена била согласност од Министерството за животна средина за механичко отстранување на пластите од површината но и на изумрените трски во крајбрежјето и исушените дрвја во крајбрежјето на водата.
Санација на темелниот испуст на браната, на вентилот е сложена техничка интервенција. Во 2013 биле поставени два нови затворачи, кои не биле функционални.
Колекторскиот систем кој е наменски да ги собира отпадните води од селата Кумаринои, Сујаклари, Отовица и објектите околу езерото Младост има повеќе констатирани пропусти. На одредени места шахтите биле под нивото на езерото и фекалиите од нив се излевале во водата.
Во колекторскиот систем од 285 евидентирани објекти во населба Отовица, 75 објекти не биле вклучени во собирањето на отпадните води.
Водата во акумулацијата Младост, на четирите плажи и годинава, според анализите на Центарот за Јавно здравје Велес, е со лош квалитет. Споределно со лани, има тенденција за влошување. Плажите се пусти и празни, гости нема.
Со помош на неколку ентузијасти поставени се пумпи кои ја вшмукуваат пифтиестата материја од површината, и ја преработуваат. Материјата се складира надвор од езерото а чиста вода се враќа во него. Поради тоа годинава и нема толку многу пифтиеста маса која плива по површината.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат уште од лани ја забрани водата за капење но и за полевање и наводнување. Овој период нивото на езерото е осетно намалено, но од ЈВП Лисиче велат дека е во рамките на биолошкиот минимум.