Петар Печков
Објавено: понеделник, 10 јули 2023
Општина Велес го дели третото место на листата на транспарентност, заедно со Општина Гевгелија. Тие имаат индекс од 98,6%. Ова го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Како и лани, и годинава само две институции, Министерството за одбрана и Владата, имаат по максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.
„Активната транспарентност на Општина Велес во 2023 година изнесува 98,6 % (од можни 100 %) со што општината се наоѓа во групата институции со ’многу добра‘ активна транспарентност (исполнување на обврските од 80 % до 100 %). Со овие бодови, општината се наоѓа на 3-та позиција од вкупно 98 рангирани институции. Оваа општина од Вардарскиот Регион се наоѓа во најдобрата група институции со многу добра активна транспарентност уште од почетокот на рангирањето во 2016 година до денес. Таа е и на првото место во својот регион“ - соопштија од ЦГК.
Општина Велес најлош индекс имала во 2018 година со 80,6% и оттогаш е постојано во пораст.
Општина Градско го дели 6 место со 97,1% со Берово, Делчево, Кичево и Кочани. Општина Чашка го дели 65 место со Општина Ѓорче Петров со 71 отсто а општина Лозово со 30,43% е при дното, претпоследна пред Арачиново.
Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2023 година изнесува 76 % (од максимално можни 100 %) и во однос на лани е подобрена само за 3 процентни поени (од 73 % на 76%), покажува годишното рангирање на институциите кое го прави Центарот за граѓански комуникации. Во рангирањето биле вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.