Петар Печков
Објавено: петок, 13 декември 2024
Појавата на пена со силен мирис на амонијак на крајбрежјето на Езерото Младост е поради распаѓањето на органската материја која плива по површината на водата. Ова го констатирал Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) анализирајќи ги добиените податоци од земените мостри за водата во акумулацијата, која ја извршиле стручните служби на ЈВП „Лисиче“ кое стопанисува со водата од езерото.
Извршена била анализа на водата од две локации, Пумпна станица и влив на Отовичка Река во Езеро Младост, и тоа на 14 ноември кога е забележана пената, споредена со резултатите на квалитетот на водата од 22 октомври кога нема ваква појава во езерото.
„Од извештајот за анализа на физичко-хемиските параметри од 14 ноември кога е забележана појавата на пена во водата, споредено со извештајот од месец октомври, кога нема ваква појава во езерото, кај 20 параметри кои се испитувани нема значително отстапување од вредностите утврдени претходно и нема промена на класата на водата. Единствена промена од II во III класа има за параметар NO2 (нитрити), а извор на зголемување на концентрацијата на нитрити во водата е распаѓањето на органската материја во водата и во седиментот и ниските концентрации на кислород“, се вели во документот на ДИЖС.
За микробиолошките анализи, согласно консултациите извршени со стручни лица, ДИЖС констатирал дека бројот на колиформни бактерии и ешерихија коли бил значително намален на 15 ноември, споредено со претходните месеци.
„Тоа е пропорционално со намалување на температурата на водата која влијае на намалена пролиферација (множење) на бактериите. Водата по бројот на овие бактерии и понатаму одговара на IV класа на вода, силно еутрофична -загадена вода“, пишува во наодот на ДИЖС.
Во постапката на инспекциски наод биле обезбедени мислења од стручна литература oд Одделот за средина, езера и енергија на Мичиген.
„Пена се формира кога физичките карактеристики на водата ќе се променат заради присуство на органски материи. Појавата на пената на крајбрежјето на езерата е заради распаѓање на органската материја и поволни метеоролошки услови-при бранови, ветер и турбуленции на водата. Појавата на пена е карактеристична за доцна есен и зима, кога органската материја интензивно се распаѓа во водата”, велат од ДИЖС.
Ваква појава на пена на крајбрежето изминатите години се случува и на брегот од Дојранското Езеро.