Петар Печков
Објавено: среда, 02 јуни 2021
Деновиве започнува реновирањето на помошното фудбалско игралиште, близу спортската сала Гемиџии во Велес. Тоа ќе биде со средства и по проект на Фудбалската федерација на Македонија а од програма на УЕФА. Ова денес на прес конференција го најавија првите луѓе на Федерацијата.
„Се работи комплетна реконструкција, која ќе опфати подигање на нивото на игралиштето, 30-40 цм за да не го поплавува ако би наишол Вардар . Ќе се постави нова дренажа, подлогата ќе биде од песок, ќе се посее најсовремена трева, постави автоматски систем за наводнување, нови трибини, со столчиња и ќе бидат покриени“ - објасни Лазар Ракиџиев, потпретседател на ФФМ и претседател на OФC.
Постојната трибина ќе се пресели од страната на река Вардар, ќе се поставела висока мрежа, за топката да не завршува во реката, новата трибина ќе има 1.125 столици.
Претседателот на ФФМ Муамер Сејдини, изрази благодарност го градоначалникот за поддршката која ја добиле за реновирање на помошното игралиште.
„Донесуваме одлуки, кои ги исполнуваме. Инвестицијата е околу 400 илјади евра а рокот на изведба е една година“ - кажа Сејдини.
На прашањето кој ќе биде изведувачот, Сејдини не можеше да каже, за да на повтореното прашање потпретседателот Ракиџиев одговори дека тоа ќе биде велешка фирма и на третото исто прашање, се добие одговор „Делта-пром“.
На новинското прашање каде ќе се играат натпреварите од Општинската фудбалска лига, следната сезона, оти тие се играа токму на ова помошно, Ракиџиев рече дека ќе играат во на игралиштата во Башино село и Превалец.
Овој проект, реконструкција на помошно фудбалско игралиште во Велес, беше најавен пред точно три годни во јули 2018-та. ТрМр праша зошто се доцнеше со почетокот на реализацијата.
„Обезбедување целокупна документација, имаше технички проблеми дел со општината, дел со УЕФА , време да се стокмат сите потребни документи, како што треба. Се започнува со работа за пет -шест дена. Потпишани се документи со локалната власт, со фирмата која ќе биде изведувач“ - дополни Ракиџиев.
Светлото на игралиштето ќе служи само за тренинг, не и за одигрување официјални натпревари.