Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 јануари 2026
Во Велес секојдневно помеѓу 15 до 25 деца питачат, надлежните не преземаат мерки за нивно отстранување од улица . Ова го кажа Илија Јовановиќ, претседател на здружението „Градиме иднина“ кое работи на решавање на проблемот со питачите.
„Изминатиот период правевме често контроли и истражувања, колку работи полицијата, Центарот за социјални грижи Велес, локалната власт, Советот. Како здружение не сме задоволни од ангажманот на институциите. Граѓаните укажуваат полицијата на крстосницата ги казнува возачите а питачите кои се тука до нив, не. Очекувам дека оваа година 2026 во Велес ќе се помести од мртвата точка. Никој ништо не преземе и не се работи со нив“ – рече Јовановиќ.
Во Македонија дневно повеќе од две илјади деца питачат, го минуваат денот на улица а во Скопје стотина деца се по крстосниците од булеварите. Ова го кажа Илија Јовановиќ претседател на граѓанската организација „Градиме иднина“, на прес конференцијата одржана во Велес. Бројката за новогодишните и Божикни празници е поголема. За овие четири години работа на здружението, 145 деца од улица се отстранети и се згрижени во групни домови или згрижувачки семејства.
„Нашите истражување покажаа дека секојдневно низ градовите на Македонија питачат две илјади деца а 18.500 деца не се во школска клупа или во детска градинка. Има бројни деца кои немаат здравствено осигурување, немаат изводи од матични книги на родени, 236 деца живеат под небо, без дом. Дваесет и пет деца се евидентирани како жртви на сексуални услуги“ – рече Јовановиќ.
Целта на проектот кој се реализира четири години е да ја разбуди свеста на граѓаните, институциите. Проектот наполни четири години на 3 декември лани и за овој период, заедно со МВР, Министерството за труд и социјала, згрижени биле 145 деца кои питачат. Тие се или во групни домови или во згрижувачки семејства. За овој период МВР поднело 246 кривични пријави на територијата на Македонија за питачење, трговија со деца.
„Ќе се бориме се додека и последното дете не замине од улица, тие да седнат во школска клупа, во градинка. Секоја локална власт е должна да издвои средства за дневен центар за децата од улица. Тој во Шуто Оризари постои но тешко функционира без средства. Потребни се 15 до 20 такви центри низ Македонија, но со стручни лица кои ќе работат со децата од улица кои питачат. Имавме случај на дете кое беше сексуално злоставувано, силувано и тоа беше на работ да си го одзеде животот. Во последен момент, заеднички институциите го спасивме“ – посочува Јовановиќ.
Вели дека питачење постои со децении, го има во цел свет. За нивно маргинализирање потребно било граѓаните да не им оставаат пари, оти ги привикнуваат на таков начин на живеење. Така се создаваат неработници, зависници од просење.
„Децата работат во три смени, од 10 до 15ч, потоа втора од 15 до 22 часот и трета од 22ч. до 4 наутро часот кога младите тераат ноќен живот, така и децата просјаци живеат. Едно дете од питачење заработува до 3-4 илјади денари во Скопје, додека во другите градови е помала, помал град помалку пари. Од тие пари добива до 50 денари, другите ги земат дали се родители, дали шефови на групата. Децата се пренесуваат од град во град за да питачат. Така од Велес беа носени во Охрид, Струга за новогодишните и Божикни празници“ – кажа Јовановиќ.
Истражувањето и контактите со овие деца покажале дека тие преку лицата кои ги тераат на питачење се приморани на користење опијати, за да можат на ниски, минусни температури на ладно и отворено, или доцна навечер да просат.
Бројките до кои дошле од здружението се дека 85 деца биле зависници од дрога преку дување лепак, 8 годишно дете користи хероин, три мали деца починале поради последици од зависност., три машки деца биле сексуално злоупотребувани.
