Петар Печков
Објавено: четврток, 01 јануари 2026
Првото новороденче во велешка болница оваа 2026 година е женско. Тоа е рожба на мајката Клементина и таткото Мите Штериовски. Првата честитка стигна од градоначалникот Марко Колев. Тој ја упати и до сите граѓани.
„Честита нова година и сите празници што следат, со желба за здравје, среќа, љубов, бериќет, напредок, како на личен така и на колективен план. Имаме убав повод за убав почеток на 2026 година, стаса првото бебе годинава. Му посакувам безгрижно детство, на родителите многу среќа и радости“ – кажа Колев.
Првото бебе беше породено од гинеколог д-р Ѓорѓи Николов.
„Да упатам честитки за сите граѓани на општина Велес за новата година. Породувањето на родилката беше извршено со царски рез, нејзин втор, бидејќи и првото бебе беше така родено. Пациентката беше планирано да се породи на 38 недели и еден ден. Се роди во 11,01 часот, бебето е тешко 2.700 грама, 50 цм долго, оценето од педијатрите со висока оценка. Ги охрабрувам родилките, да доаѓаат да се породуваат, продолжуваме да се екипираме како одделение, очекувам годинава да дојдат уште двајца специјалисти, со опрема сме обезбедени“ – кажа гинеколог д-р Николов.
Изминатата година на акушерското одделение од велешка болница имало 249 породувања, осум помалку од 2024 година.
„Имаме недостаток од персонал, но се снаоѓаме, нема доволно педијатри. Покриваме детско одделение и неонатолошки одел со четири педијатри. Генерално добро родени бебиња дојдоа на свет лани. Родилките редовно доааѓат на контрола и тоа резултира со бебиња кои се во добра здравстена состојба и имаме здрави новороденчиња“ – кажа педијатар д-р Зорица Гашева.
Освен донација од Општина Велес, новроденчето доби подароци и до Здружението Мобилност и Агенцијата за безебдност на патитшата.
