Петар Печков
Објавено: петок, 24 јануари 2025
И локалната власт и Сообраќајната полиција при Министерство за внатрешни работи во акција за намалување на загаденоста на воздухот во Велес.
Општина Велес го известила Министерството за животна средина, дека од страна на ЈКП Древен, било извршено миење на повеќе улици во градот и извршени бил вондредни контроли на градилиштата од страна на овластените градежни инспектори.
„При контролите не се констатирани неправилности што дополнително би влијаеле на квалитетот на амбиентниот воздух. Територијалната единица за противпожарна заштита на територијата на општина Велес-Чашка-Градско интервенирала и постапила по пријавени случаи на пожар на запалени контејнери. Во меѓувреме Општина изработи Акциски план за намалување на загадувањето на воздух кој е доставен до надлежните органи за согласност“ – соопштија од Општина Велес.
Колку за потсетување за одговорноста на граѓаните, вечерта на Коледе, околу локацијата кај СИМПО, четири контејнери беа запалени, па мораше да интервенираат велешките пожарникари да ги гаснат.
Сообраќајната полиција при МВР изминатиот месец извршила 546 контроли на возила на територијата на Велес, Кавадарци и Неготино, што сообраќаат низ градовите во државата согласно „Акцискиот план за чист воздух за грејната сезона 2024 – 2025 година“. Контролите се реализирани во период од 13 декември 2024 до 13 јануари 2025 година
„Од вкупниот број контролирани возила на териториатја на Макеоднија, 1206 се упатени на вонреден технички преглед, утврдени се 167 технички неисправни возила, 20 нерегистрирани возила, а кај 10 возила се констатирани несправни уреди за мерење на емисијата на испусните гасови“ – соопштија од МВР.
Според истражување на Општина Велес од пред десетина години 70 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата, 20 од сообраќајот и 10 од индустријата.