Селото Папрадиште влегува во зимски сон

Петар Печков

Полека се празни селото Папрадиште. Откако летните месеци тоа беше преполно со луѓе, живот и детски жагор, сега замира. Со доаѓањето на есента од него си одат и последните жители а зимата, снегот и студот ќе нема кој да ги пречека. Тогаш е празно. Завршува уште една година полна со убави впечатоци во селото, кое заедно со Ореше се мијачкиот остров во центарот на Македонија. Едното е постојано со жители – Ореше, додека Папрадиште живее од април до октомври. Во пазувите на планината Баба, во густа шума каде тешко можат да се распознаат куќите во мноштвото дрва, се наоѓа  ова село. На илјада метри надморска височина, сместено каде орлите се гнездат, под врвот Солунска глава е мијачкиот остров во Централна Македонија.  До него од Велес се доаѓа по асфалтиран пат за еден час возење, може и со воз до Богомила а потоа пеш или со такси.

Папрадиште е прекрасно преку целата година. Тука човек за само неколку дена ја надополнува енергијата која ја троши во град или на работа. Тука може да се берат малини, капини, боровинки или планински чај. Во лето е преполно со повратници од Скопје и Велес, има млади, се живее 24 часа - вели Петар Трајков, пензиониран новинар.

Од неговиот дом се шири поглед кон регионот на Азот. Таков е случај со сите куќи во селото, кои се поставени амфитеатрално. Заштитени се со плехови за ветерот и дождот  да не ги уништуваат. Трајков открива дека тоа се оловни фолии, кои своевремено се купувале од печатницата на Нова Македонија. Посетителите во селото не ја пропуштаат можноста да го посетат Марков камен, каде според преданието Крале Марко кога шетал оставил белег на еден камен. Трагата не е многу видлива дека е од нога, но преданието долго живее. Живее и легендата за мијачкото село, од  овој дел на Македонија. Скопјанецот Борис Кузмановски, родум од селото е вистинска жива енциклопедија и монографија за Папрадиште.

Мијаците го доселиле селото околу 1770-тата година. Тие работеле во Велес како мајстори но од време навреме морале да се вратат дома и ги видат фамилиите, во Поречието. За тоа требало време поради што им било предложено да се населат во Велес. Тие така и сториле. Но бидејќи, ние мијаците носиме шарени, не бели алишта тешко сме се прилагодувале на жештината. Поради ова им било предложено со фамилиите да се населат во селото Ѕвезданово, бидејќи условите биле слични како во Тресонче, од каде дошле. Селото било испустено, не биле добредојдени од месното брсјачко население. Не комуницирале, немале слама да ги покријат новоизградените домови поради што користеле папрат, кој тука го има во изобилие. Така селото го добило денешното име Папрадиште - објаснува Борис Кузмановски.

Папрадиштани се гордеат со великаните, значајните културни дејци кои оставиле неизбришлива трга во животот во Македонија. Тука е големиот  градители на цркви Андреја Дамјанов, основоположниците на македонското сликарство и резба Димитар Анднонов Папрадишки и Ѓорги Зографски, преродбеникот Димитрие Чуповски. Во селото извесно време престојувал и Ѓорги Сугаре во предвечерјето на Илинденското востание во 1902-та година, кога го повикал мијачкото население во борба против османлиското ропство. Тоа имало одек и машкиот дел од фамилијата Чуповски заминал во Крушево.

Селото Папрадиште ги пренело адетите од Галичник, па на Петровден е селска слава. Се собираат стотици жители, гурбетчии сите се во родното место да се видат и помуабетат. Свадба за разлика од Галичник овде не се прави, туку само слава. Сите домови се отворени и примаат  гости - вели Борис. Тој потсетува дека освен големите папрадишки мајстори, селото е познато и по папрадишкиот компир кој поради местоположбата каде се одгледува, иако го нема многу е баран и на цена во Македонија. За папрадишани се знае дека се горди на потеклото, чесни и патриоти. Затоа ветуваат дека селото нема да одумре, и секогаш ќе има некој кој ќе ги пречекува гостите. Со отворањето  на планинарскиот дом на граѓанското здружение ,,Зелена сила,,, селото заживеа во викендите, преку целата година.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

  • да
  • не
Резултати