Pацин и денес се чита како да е пишувана сега, или Рацин е вечен или општеството не се менува многу, беседеше академик Ќулавкова (видео)

Петар Печков

На отворањето на годинашниве Рацинови средби 63 по ред, беседеше за Рацин академик Катица Ќулавкова. Таа во нејзиното инспиративно обраќање кажа дека и по еден век Рацин е актуелен со неговите дела, што треба да значи или тој е вечен или општеството не се менува.  

„Кочо Солев е една од ретките историски личности кои ја совладале историската лекција и застанале во одбраната на слободата,   правдата, социјалната еднаквост,  колективните и индивидуални човекови права на Македонците. Тој се бунтувал со збор, со ум, со знаење, со општествен и политички ангажман.  Рацин е парабола на македонската национална  политичка, социјална, егзистенцијална, културна, историска  самосвест. Токму затоа неговите  есеистички филозофско  историски текстови се показ и доказ дека зборот има тежина, дека јазикот ги придвижува нештата. Рацин и денес се чита со неговата бунтовничка поезија, како да е пишувана сега, овој миг а не во 30-тите  години од минатиот век. И по еден век неговата поезија, прозата, есеите и критиките  се читаат и доживуваат како да ја опишуваат актуелната ситуација – човечка и општествена.  Или Рацин е вечен или општеството не се менува многу.  Рацин во време на неговиот живот застана на светлата страна на историјата, покажувајќи знаење, мудрост, визија, храброст и лидерство“ – рече Ќулафкова.  

Добитник на Рациновото признание за 2026 година е театрологот и театарски режисер Наум Пановски со „Коста Солев –смртопис“. 

Тој оваа награда ја доби во конкуренција на 25 пријавени дела.  Бидејќи не бил во земјава, наградата дополнително ќе  му биде врачена.  Паричниот дел добитникот Пановски одлучил да ја даде на граѓанско здружение „Искон“. 

За Рациновото признание одлучуваше жирито: проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лорета Георгиевска Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева Димова.

„Самиот чин на ликвидација на поетот  во делото е поместен од очекуваното идеолошко рамниште на антрополошко. Се открива дека зависта и комплексот на инфериорност биле оние темни подземни сили кои му пресудиле на Солев. Во делото е вткаена уште една потресна алузија, за познатиот образец за Моцарт и Салиери. Генијот спроти завидливиот медиокритет, но овој пат преместена на домашен терен, со додаток на класно хиерархиска димензија, кога завидливите и привилегирани дворски бирократи и партиски медиокритети, подмолно на рати  физички  ќе го докрајчат Коста Солев. Прашањето кое се проткајува во нашата историографија, кој е всушност вистинскиот убиец, во прозата на авторот Пановски се пренасочува во форензичка потрага по самата причина и расчистување на клучното прашање – зошто Солев е ликвидиран“ – кажа Шелева.  

„Постојат луѓе  чие време завршува со нивниот живот, но пстојат и великани што стануваат дел од колективната меморија на еден народ. Кочо Рацине е токму таква личност, име што не припаѓа само  на историјата, туку на сегашноста  и иднината на Македонија. Рацин е темелот на македонската кутлура, јазик и самобитност“ – порача градоначалникот Марко Колев. 

Вечерва на Рациновите средби е поетскиот меѓународен митинг и врачувањето на Почесното Рациново признание на  Полјакот Маќеј Кавка  за  афирмација и промоција на македонскиот јазик, литература и култура во странство. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Кој ќе биде нов светски првак во фудбал?

  • Англија
  • Аргентина
  • Бразил
  • Германија
  • Португалија
  • Франција
  • Шпанија
  • некоја трета репрезентација
Резултати