Петар Печков
Објавено: вторник, 22 април 2025
Во Чифте амам во Старата скопска чаршија отворена е изложба на дела од велешанецот Трајче Чатмов. Тој се претставува со повеќе од 70 дела, во кои се насетуваат рефлексии на духовноста, минатото, историите, легендите, митовите.
„Најновото претставување на Трајче Чатмов со циклусот „Религија, митологија и слободна мисла“, како што упатува и самиот наслов, го обработува концептот на уметноста и на историјата на западноевропската уметност“ –вели Маја Чанкуловска-Михајловска, историчарка на уметност и виш кустос во Националната галерија, една од промоторките на изложбата.
„Неговите слики се како палимпсести, слоевити, структурирани како текст во текст, како приказна во приказна, визија во визија, боја во боја. Тој ефект се постигнува не толку со фигуративноста, колку со колоритноста. На сликите на Чатмов контактот на боите е чиста магија. Начинот на којшто тој ги спојува боите на платното е најнепредвидливиот момент во сликарството на Чатмов. Тој е мајстор на полихромноста, на комбинаториката на контрастите и нијансите“ – посочи академик Катица Ќулавкова втор промотор на изложбата.
Трајче Чатмов студирал на Факултетот за ликовни уметности во класата на професорката Ана Темкова. Реализирал дваесетина самостојни изложби, а учествувал на многу групни претставувања. Член на ДЛУМ од 1996 година, а од 2023 година и член на Уметничкиот совет на ДЛУМ.