Петар Печков
Објавено: понеделник, 22 септември 2025
Со сослушување на сведоци продолжи судењето во Основен суд Велес, за дел од разрушената зграда на Работничкиот универзитет „Благоја Страчковски“. Рифат Беровиќ (38 год) како физичко лице е обвинет за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“ а правното лице ДТТУ Беровиќ транспорт со одговорно лице Елвид Сарачевиќ за - Предизвикување опасност при градежни работи. Тие претходно тие кажаа дека не прифаќаат вина за делата за кој се обвинети. Сведочеше Коста Јанев.
„Кога дојдов како надзор, градежната јама и темелите беа веќе ископани. Ископот беше направен целосно, наеднаш не на делови“ – сведочеше Јанев, вешто лице, кое во овој предмет бил ангажиран за надзор, но откако се срушил објектот. На прашање од обвинителката, како треба да се копа јама во вакви случаи, кога има објекти во соседство, Јанев рече дека треба согласно геотехнички проект.
„Таму е даден начинот и динамиката на изведбата на градежната јама, односно темелите. Правило е да се копа во зависност од видот на земјиштето. Во овој случај требало да се копа на делови, не исцело“ – рече Јанев. Не можеше да каже кој вршел ископ на градежната јама.
Сведок беше Рубинчо Деловски, кој бил ангажиран од инвеститорот за да ја исчисти градежната јама од собраната кал. Тој не можеше да каже кој ја копал, оти дошол да работи откако била ископана. Работел пред да падне дел од зградата.
Сведочеше и Сабит Амедовски од Бузалково чија градежна фирма Бени амар вршела одредени градежни дјествија на објектот.
„Имав договор со сопствениците за градежни работи, бетонирање, шаловање, не и за копање на јамата. Кога дојдов јамата беше ископана, од некој од Скопје. Ми побараа да ја заградам од безбедносни причини и ја заградив со лимови. Јас бев во Штип, кога објектот падна. Ние стартувавме со работа на 29 јуни 2022 година, зградата тогаш беше падната. Помеѓу ископот на градежната јама ѕидот на зградата на Работничкиот универзитет немаше простор. Дали имаше дренажни канали не можам да кажам, оти не се гледаа“ – кажа сведокот Амедовски.
Бранителката на обвинетиот му посочи негова изјава од обвинителство каде пишува дека договорот со инвеститорот го потпишал на 14 јуни 2022 година, неколку дена пред да падне зградата. На барање на судијата Ангел Трипчев, сведокот Амедовски на судот ги даде документите и се констатира дека договорот е потпишан на 14 јуни 2022 година. На ова сведокот Амедовски рече дека тој може да потпише договор на било кој ден, но градежните работи ги започнале при крајот на месецот.
Според обвинителниот акт, изведувачите иако градежна фирма, лиценцирана за таа работа, знаеле дека пред да почнат со ископ на градежна јама, треба да имаат соодветен проект, за заштита на градежната јама, заштита на соседни објекти, и дека во работа треба претходно да биде воведен надзорот. Не биле преземени соодветни мерки за обезебдување на соседите и земјишето. Работеле без проект за заштита на градежна јама, започнале со нејзин широк ископ веднаш до темелите на зградата на работничкиот универзитет. Како последица на ова на критичниот ден, 17 јуни 2022 година, се срушил дел од зградата, која е лоциран до градежната јама.
Судењето продолжува во ноември, со сослушување нови сведоци.