Локалната власт најавува дека може да ги отстрани недостатоците во салата Гемиџии, ако не е прескапо,за да се игра турнирот во одбојкарската Сребрена лига

Петар Печков

За салата Гемиџии и градот Велес, да бидат домаќини на квалификациониот турнир во одбојка, во Сребрената лига, потребно е објектот да исполни неколку  услови, недостатоци, кои се  констатирани повеќе од десетина години.

Турнирот треба да се одржи од 21-ви до 23 мај годинава а освен репрезентацијата на Македонија, учесници се  одбојкарските селекции на   Данска, Израел и Кипар.   Интервентно е да се отстранат недостатоците  во четирите соблекувални  и во  тоалетите. Салата е под ЈП Парк спорт, основано од локалната власт, која ветува дека може да го реши проблемот.

„Идејата е многу добра, одбојкарските натпревари да се играат и во други градови, освен Скопје.  Ќе се обидеме да  ги премостиме пречките, доколку тоа не е голем финансиски товар за општината и ако може да добиеме друга поддршка, би била добредојдена“ - кажа градоначалникот Аце Коцевски.   

Од Агенцијата за млади и спорт најавуваат ако е потребна помош да се отстранат недостатоците, тие ќе помогнат. Рокот за  санирање на недостатоците  е краток, само два месеци.  

„Стоиме на располагање, се изготвува решение, колку побрзо го изготви локалната власт, толку побрзо да се реагира. Доста е само во Скопје  да  играат македонските репрезентативци, во сите спортови, треба и низ земјава да настапуваат. Ние стоиме на располагање да помогнеме“  - рече Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за спорт и млади.  

Одбојкарската федерација на Македонија,  е домаќин и на завршницата, на турнирот на четирите најдобри од Сребрената лига,  кој треба да се одржи на 5-ти и 6-ти јуни во салата Борис Трајковски во Скопје.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати