Петар Печков
Објавено: недела, 21 септември 2025
ОЈО Велес соопшти дека постапувајќи по поднесена кривична пријава од МВР, повело постапка против 59-годишен велешанец, осомничен за кривично дело – Демнење како и продолжено кривично дело Насилство. При тоа побарало притвор а судија во претходна постапка од Основен суд Велес, и ја изрекол.
„Од преземените предистражни дејствија произлегува дека осомничениот, кој бил во интимна врска со жртвата, ја демнел последните неколку месеци, се мешал во нејзиниот личен живот, проверувал со кого комуницира и се дружи жртвата, каде излегува, ја навредувал и психички ја вознемирувал. Со тоа кај неа предизвикувал чувство на несигурност, вознемиреност и страв. На 18 септември, во повеќе наврати во текот на целиот ден, вршел грубо насилство врз жртвата и притоа телесно ја повредил, и тоа еднаш на работното место, а потоа три пати доаѓал во нејзниот стан каде насилно влегувал“ – соопштија од ОЈО Велес,
Ценејќи ги сите околности, особено фактот дека осомничениот работи заедно со жртвата, неговата упорност физички да ја напаѓа и малтретира во еден ден, како и фактот дека претходно не му се определени привремени мерки за заштита од семејно насилство, јавниот обвинител оценил дека постои ризик од повторување на неговите насилнички дејствија. Воедно, поради неговото занимање и важечка документација за премин на државната граница, тој бил во можност да се даде во бегство, па одредена е мерка краткотраен притвор, во кој период треба да се пушти обвинение до Основен суд Велес.
Претходно, во петокот СВР Велес информираше за настанот.
„На 18.09.2025 во 23 часот на улица „Благој Ѓорев“ во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Ј.С.(59 год) од Велес, постапувајќи по претходна пријава од 51- годишната К.Х. од Велес дека физички ја нападнал на нејзиното работно место, а подоцна во два наврати и во нејзиниот дом, каде што влегол со употреба на сила. Ј.С. е задржан во полициска станица“ – соопшти Биљана Ѓаковска портпарол на СВР Велес.