Петар Печков
Објавено: недела, 28 септември 2025
За двете лица кои вчера, доцна попладне беа уапсени во околината на село Карабуниште, велешко е одреден притвор од по 30 дена. Оваа мерка ја изрекол судија во претходна постапка, од Основен суд Велес, по барање на јавен обвинител на ОЈО Велес.
Основното јавно обвинителство Велес донело Наредба за спроведување истражна постапка против две лица Г.Л.(46 год) и Г.Д.(39 год), двајцата од Скопје за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци. За ова кривично дело е пропишана казна затвор од три до 10 години.
„Двајцата осомничени соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија кои ги одгледувале и ги наводнувале. На 27 септември осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис. На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, 3 пластични кофи со вкупно над 4 килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис“ – соопштија од ОЈО Велес.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство Скопје отворило истрага против едно лице, кое неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
„Во дворот на осомничениот на улицата “Кадињача” во Скопје полицијата пронашла две растенија канабис кои ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин“ – соопштија од ОЈО Скопје.
Претходно денес на пладне за настанот информираа и од СВР Велес.
„На 27.09.2025 во 18:00 часот, полииски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес ги лишија од слобода Г.Л.(46 год) и Г.Д.(39 год), двајцата од Скопје. По претходно добиени сознанија, а врз основа на наредба од Основен суд Велес, извршен е претрес викенд куќа и помошни простории во атар на село Карабуниште, велешко, кои ги користи Г.Л.. При претресот, во близина на викенд куќата се затекнати Г.Л. и Г.Д. како од нива откопуваат стебла од растението канабис, а пронајдени се и повеќе кофи и вреќи со марихуана, машина за обработка на стебла канабис и пиштол“ – соопшти Биљана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.